Уште една „бомба“ во НБА: Ламело Бол има нов клуб!

Еден од најатрактивните плејмејкери во НБА лигата, одличниот Ламело Бол, го напушта Шарлот и кариерата ќе ја продолжи во Минесота.

Според информациите на најпознатиот инсајдер, Шемс Чарнија, раководството на Минесота одлучило да оди „сè или ништо“ во обид да создаде шампионски тим.

Со овој потег создадоа еден од најдобрите бековски тандеми во поновата историја на лигата, спојувајќи го Бол со неверојатниот Ентони Едвардс.

Од друга страна во Шарлот одлучија да го притиснат копчето за целосен рестарт и да започнат изградба на нов тим. Во замена за својот најдобар играч, Хорнетс добија богат пакет од Минесота, кој вклучува млади таленти и важни избори на претстојните драфтови.

Минесота го доби Бол, додека во Шарлот пристигнаа Наз Рид, Роб Дилингам, како и два избора од првата рунда и право на замена на избори од првата рунда.

Ламело Бол, кој во 2020 година беше избран како трет пик на драфтот, со години беше заштитно лице на франшизата од Северна Каролина.

Иако индивидуално бележеше одлични бројки и редовно ги полнеше спортските емисии со потези кои оставаат без здив, недостатокот на квалитетни соиграчи, но и проблемите со повредите на зглобовите, го спречија да постигне поголем тимски успех.