Миленкоски: Најважно за нас е што сме во трка за место на ЕП 2028
Селекторот Јошко Миленкоски два дена по натпреварот направи анализа на сработеното во изминатите два месеци и тој е задоволен од тоа што го прикажаа одбојкарите.
„Годинешното издание на Европската лига беше со поинаков формат од претходните, односно претставуваше прва фаза од квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Тоа придонесе и квалитетот на Лигата да биде на повисоко ниво од претходно, најмногу поради фактот дека сите репрезентации играа со своите најдобри состави. Македонија во минатото се натпреваруваше во Сребрената лига, која е неспоредлива со она што го имавме како квалитет годинава. Последните три години бевме дел и од Златната Европска лига, каде имавме забележителни настапи, но каде многу репрезентации, како и ние, го користевме учеството како подготовка за поважни напреварувања. Поради тоа не може да правиме споредба со резултатите постигнати во претходните изданија, а не смее да заборавиме и дека оваа година скоро сите европски селекции се натпреваруваа во Европската лига“, потенцира стратегот Миленкоски на стартот и продолжува: „Најважното од сѐ за Македонија е дека имаме активен резултат со кој остануваме во трката за пласман на следното Европско првенство! Целта е постигната, планираното е остварено – три победи и девет бодови. Сакам да истакнам дека поразите се од три репрезентации кои се најдобрите во Лигата. Холандија лига рундата ја заврши без загубен сет, а во полуфиналето ќе игра и Израел, додека Грција заврши како петта, на чекор зад нив. Тоа само уште еднаш го потврдува квалитетот на противниците со кои се соочуваме“, изјави селекторот.
Во овој циклус Миленкоски даде шанса и на помлади играчи во националниот тим.
„Свесни за сериозноста на натпреварувањето нашата репрезентација ги почна подготовките порано од предвиденото, на 6 мај со играчите кои порано ги завршија своите клупски обврски, а останатите се приклучија една недела подоцна. Одработени се 45 дена, 55 тренинзи, одиграни осум натпревари (два контролни и шест официјални). Обемните подготовки ни овозможија вклучување на поголем број млади, перспективни одбојкари. Дури десет дебитанти учествуваа во тренажниот процес на А селекцијата и на сите нив треба да се смета и во следните циклуси. Четворица од нив беа и во потесниот избор и дел од самите натпревари, а тоа особено треба да нѐ радува. Ако ги сметаме и оние кои се вклучени минатата година можеме да кажеме дека ростерот на репрезентацијата е видно изменет. Сепак, товарот повторно го понесоа најискусните и најдобрите кои помогнаа да се постигне овој задоволителен резултат, кој верувам дека ќе беше и подобар доколку настапевме комплетни на сите натпревари. Во нашиот спорт отсуството и на само еден одбојкар е голем хендикеп, а ние на сите натпревари игравме без еден од нашите најдобри играчи – Александар Љафтов. На последниот турнир и без Филип Маџунков. Во целиот овој циклус, секако дека не смеам да го изоставам мојот комплетен стручен штаб, кои стојат зад спроведувањето на успешни подготовки и добрите резултати – нашите најдобри тренери Ристески, Милев и Михајлов, потоа тренерот за физичка подготовка Баснарков, како и медицинскиот тим, докторот Манчев и физио Дино Попоски, како и статистичарот Бојан Печев“, истакна Миленкоски.
Одбојкарите во овој период се на одмор и на располагање на селекторот треба да му се стават на 5 август кога во Крушево ќе ги почнат подготовките за годинешното ЕП во Софија кое за нас ќе биде четврто во низа.