На овој Мундијал може да се постави рекорд, никогаш не се постигнувале повеќе голови!

Светското првенство во фудбал донесе 121 гол на првите 40 натпревари, што е речиси за една четвртина повеќе во споредба со истиот период на претходниот Мундијал. Еден од факторите за ваквата ефикасност се посочува и топката со која се игра турнирот.

ОД ФИФА велат дека топката е изработена со подлабоки шевови за да обезбеди „оптимална стабилност во летот“, но фудбалерите и тренерите тврдат дека таа достигнува поголема брзина при ударите кон голот.

„Оваа топка е брза како топовско ѓуле. Мислам дека и денеска и во претходните денови видовте дека, ако ја погодите топката на вистинското место, неверојатно е тешко да се одбрани“, изјави селекторот на Австрија, Ралф Рагник.

На зголемениот број голови влијаат и подолгите натпревари поради продолжените судиски надополнувања, како и паузите за хидратација кои се новина на ова првенство. Дополнителен фактор е и проширениот формат со 48 репрезентации, кој ја зголеми разликата во квалитетот меѓу учесниците и отвори повеќе простор за убедливи победи.

На првите 40 натпревари паднаа 121 гол, со просек од точно три погодоци по меч. Само три дуели завршија без голови, а осум погодоци беа автоголови.

Доколку ваквото темпо продолжи, турнирот може да го надмине рекордот од Катар 2022, кога на 64 натпревари беа постигнати 172 гола. Според сегашниот просек, за ист број натпревари би можеле да се стигне до речиси 194 погодоци.