Торонто стана Загреб – 50.000 Хрвати и 100-метарско знаме во канадската престолнина!

Хрватските навивачи повторно приредуваат спектакл на Светското првенство, откако во Торонто официјално беше отворена „Хрватската куќа“, централното место за собирање и дружење на навивачите пред вечерашниот натпревар против Панама (1 часот наутро), втор за двете селекции на СП 2026.

По импресивната атмосфера што ја создадоа во Далас, каде центарот на градот беше обоен во црвено-белите коцки, хрватските фанови сега го префрлија фокусот кон најголемиот канадски град. „Хрватската куќа“ е сместена на помалку од 200 метри од стадионот каде што ќе се одигра натпреварот.

„Еден град. Една нација. Илјадници навивачи“, беше пораката со која беше најавен настанот.

Програмата почна уште за време на викендот со хрватска музика и забава, а кулминацијата се очекува по натпреварот, кога е планирана голема прослава со тамбураши, секако доколку избраниците на Златко Далиќ ја оправдаат фаворитската улога против Панама.

„Торонто не е само град-домаќин. Во поширокото подрачје живее најголемата концентрација на Хрвати во Северна Америка. За многумина ова повеќе наликува на враќање дома отколку на гостински натпревар“, изјави Иван Грбешиќ од Хрватско-канадската стопанска комора.

Посебно внимание привлекува и легендарното навивачко знаме долго 100 метри, кое ќе биде развиено пред „Хрватската куќа“ непосредно пред почетокот на организираниот марш (кортео) кон стадионот. Поворката ќе мине низ неколку улици во близина на арената, а се очекуваат илјадници учесници. Огромното црвено-бело знаме веќе со години е препознатлив симбол на хрватските навивачи и беше присутно на голем број светски и европски натпреварувања, од Русија и Катар, па сè до Њујорк, Далас и сега Торонто.

Според проценките, само во регионот на Торонто живеат околу 50.000 луѓе со хрватско потекло, што е гаранција за силна поддршка од трибините. На тоа смета и селекторот Златко Далиќ, кој потенцираше дека навивачите ќе имаат огромна улога.

„Секогаш ја чувствуваме поддршката од дијаспората, а особено овде. Луѓето со нетрпение ја чекаат репрезентацијата и сигурен сум дека ќе бидат нашиот дванаесетти играч“, порача Далиќ.