„Мотивирани сме за КуПС, сакаме да стигнеме што е можно подалеку во Европа“

Фудбалерот на Вардар, Георгије Јанкулов кажа дека имаат добри подготовки пред почетокот на новата сезона со македонскиот шампион.

Вардар првиот предизвик ќе го има во квалификациите за Лигата на шампиони (ЛШ), односно ќе се соочи против КуПС.

„Се наоѓаме во добри подготовки и играме пријателски мечеви, а фокусот е во целост на првото коло на ЛШ. Мислам дека добивме ривал со кој може да се носиме и нијанси ќе го одлучат патникот во следната фаза. Вардар по седум години е во ЛШ, така што тоа е доволен мотив да се покажеме во што е можно подобро светло и да стигнеме што е можно подалеку во Европа“, вели Јанкулов.

Јанкулов ги кажа своите очекувања и за натпреварот со КуПС.

„КуПС не сум го гледал многу пати, но штом екипата е шампион на земјата, има квалитет. Гледам предност за нив што сезоната им е веќе во тек, но од другата страна може да биде и маана затоа што може да имаат одреден замор, а ние доаѓаме од подготовки и ни следи првиот меч во новата сезона“, посочи тој.

Фудбалерот кажа дека полека, но сигурно се запознаваат со системот на тренерот Фабијани.

„Со Фабијани се запознаваме полека, со неговиот систем, исто и тој со нас. Има свои принципи кои сакаме да ги усвоиме и да ги покажеме на терен. Завршната тактика уште не сме ја фатиле, повеќе се фокусираме на кондиција и сила, па ќе ни следат тактичките подготовки. За новите млади играчи во првиот тим: Убаво е чувството кога младите играчи се околу и добиваат шанса во првата екипа. Сите играчи ги прифативме добро, имаат квалитет и заслужено се овде, а нивно е да се борат, да се докажат и да останат со нас во првиот тим и по подготовките“, кажа фудбалерот на Вардар.