Хрватите ќе имаат голема помош против Панама – дури и од 88-годишен дедо кој летал три дена!
Еден од најверните навивачи на „коцкестите“ ќе биде 88-годишниот Игнац Гојшиќ, кој и покрај возраста продолжува да патува низ светот за да ја следи репрезентацијата. Роден во 1937 година во хрватското село Драганиќ, во Канада се преселил во 1975 година, а денес живее во Хамилтон, недалеку од Торонто. Тој можеби е и највозрасен навивач на Мундијалот.
„Бев и во Далас на првиот натпревар. Летав од Бафало само за да ги гледам момците во живо. Жештината воопшто не ми пречеше, можев да останам уште три недели“, изјави тој за хрватските медиуми.
Иако денес се движи со помош на стап, тоа не го спречува да биде редовно на трибините.
„Со мене се секогаш моите синови Бранимир и Мајкл Џозеф, како и 18-годишниот внук Силвио Максимир. Да, го доби името по Максимир зашто татко му е голем навивач на Динамо“, раскажува Гојшиќ.
Неговата љубов кон репрезентацијата трае со децении. Бил и на СП во Катар, а сега веќе има обезбедено билети за првите три натпревари на Хрватска во Северна Америка.
„Картите ми се во џеб. Ќе бидам на сите три натпревари“, вели со насмевка.
На прашањето дали бил и на Европското првенство во Германија, следуваше одговор што предизвика насмевки.
„Не бев. Со овие години не можам толку многу да патувам, а и мојот шеф не ми дозволува. Мој шеф и владетел е сопругата Аница“, низ смеа порача Гојшиќ.