Лука Модриќ е вечен – против Панама ќе испише нова историја во светскиот фудбал!
Со тоа, легендарниот играч од средниот ред ќе стане само четвртиот во историјата на светскиот фудбал кој стигнал до бројката од најмалку 200 настапи за својата репрезентација. Пред него во ексклузивниот клуб влегоа само Кристијано Роналдо со 229 настапи за Португалија, Бадер Ал-Мутава од Кувајт со 202 и Лионел Меси, кој неодамна го одигра својот 200. натпревар за Аргентина. За Модриќ ова е уште едно признание за неверојатната кариера во која настапи на пет светски и пет европски првенства, нешто што ретко кому му успеало во историјата на фудбалот.
„Патот беше прекрасен. Никогаш не можев да замислам дека ќе играм на пет светски првенства. Како дете сонував само за еден настап за репрезентацијата, а сега сум пред бројката од 200“, изјави неодамна хрватскиот капитен.
Модриќ дебитираше за Хрватска во март 2006 година во победата против Аргентина (3-2), додека првиот гол во националниот дрес го постигна само неколку месеци подоцна против тогашниот светски шампион Италија. Во меѓувреме ја предводеше Хрватска до историското сребро на СП во Русија во 2018 година, бронза во Катар четири години подоцна, како и до сребрениот медал во Лигата на нации во 2023 година. Во дресот на „коцкестите“ постигна 29 погодоци, а последниот го запиша на контролниот натпревар против Словенија пред заминувањето на Светското првенство.