Драма на турнирот во Хале: Зверев загуби од Фриц, па призна дека се – предозирал!
Третиот тенисер на светот беше поразен по речиси три часа игра, а како главна причина за неуспехот го посочи дефектот на сензорот кој му го следи нивото на шеќер во крвта.
„Имав голем проблем бидејќи сензорот ми покажуваше погрешни вредности. Покажуваше дека шеќерот ми е висок, иако јас чувствував дека нешто не е во ред. Поради тоа си дадов премногу инсулин. Првпат ми се случува вакво нешто откако ги користам овие сензори“, изјави Зверев.
Германецот, кој боледува од дијабетес уште од четиригодишна возраст, објасни дека поради погрешните информации од апаратот морал итно да внесува големи количини шеќер за да ја стабилизира состојбата.
„Во првите 45 минути внесов речиси 350 грама шеќер. Се чувствував ужасно. Во вториот сет како да не бев на теренот, а ни во третиот не беше многу подобро. Секој што го гледаше мечот можеше да забележи дека постојано пиев глукоза“, истакна Германецот.
И покрај здравствените проблеми, Зверев смета дека можел да го совлада Фриц доколку физички бил во подобра состојба.
„Во претходните меѓусебни натпревари Тејлор беше подобар од мене, но овојпат чувствував дека можам да победам. Едноставно, телото не ми дозволи да играм на нивото што го посакував“, додаде Германецот.
Поразот во Хале доаѓа само неколку дена пред почетокот на Вимблдон, но Зверев не е загрижен за настапот во Лондон.
„Немам причина за паника. Оваа недела покажав дека сум подготвен за тревната сезона и тоа ми е најважно“, порача германскиот тенисер.
Фриц со оваа победа ја продолжи доминацијата над Зверев и стигна до седми триумф по ред во нивните меѓусебни дуели, додека двајцата веќе се насочени кон настапот на Вимблдон, кој започнува на 29 јуни.