Кошаркарите предводени од Војдан Стојановски ќе се „пробаат“ против Бугарија!
По неколкудневните тренинзи во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје, селекторот Жозеп Мариа Берокал го одреди составот од 13 кошаркари на кои ќе смета за првата проверка од подготвителниот циклус. На списокот се наоѓаат капитенот Војдан Стојановски, како и Стојан Ѓуроски, Марин Петков, Ваљмир Какруки, Виктор Ефремовски, Лука Стојановски, Амар Хот, Павел Иванов, Виктор Ташовски, Мухамед Тачи, Петар Бошалески, Тома Стојаноски и Марко Лукановски.

Натпреварот против Бугарија ќе започне во 18 часот по македонско време и ќе биде прва можност стручниот штаб да ја провери формата на репрезентативците пред официјалните предизвици. Македонија е лидер во групата „А“ од претквалификациите и во јули ја очекуваат последните две средби од циклусот – домашниот дуел со Ирска на 2 јули и гостувањето кај Луксембург на 5 јули.