Непријатни сцени пред мечот на Аргентина: Тепачка меѓу навивачи во срцето на Њујорк (ВИДЕО)

Актуелниот светски шампион Аргентина утре ранот наутро по македонско време ја почнува одбраната на титулата освоена пред четири години, но наместо фудбалот, во пресрет на дуелот со Алжир (3 часот) вниманието го привлече инцидентот меѓу навивачите на двете селекции во Њујорк.

Во пресрет на натпреварот од првото коло во групата Ј, кој ќе се игра во Канзас Сити, голем број аргентински и алжирски навивачи се собраа на познатиот Тајмс Сквер. Атмосферата, која првично беше исполнета со песни и навивање, за кратко време прерасна во вербална расправија, а потоа и во физичка пресметка. Видеата што се појавија на социјалните мрежи покажуваат неколку лица кои разменуваат удари пред бројни туристи и случајни минувачи, додека околу нив владее вистински хаос.

Особено загрижува фактот што во непосредна близина на инцидентот имало жени и деца кои дошле да ја почувствуваат мундијалската атмосфера. За среќа, тензиите брзо се смириле и не дошло до поголем инцидент, но сцените од Њујорк уште еднаш покажаа дека големите спортски настани понекогаш носат и несакани навивачки пресметки.

На теренот, Аргентина предводена од Лионел Меси ќе ја има фаворитската улога против Алжир и ќе се обиде со победа да ја отвори одбраната на светската титула, додека организаторите ќе се надеваат дека во продолжение на турнирот вниманието ќе биде насочено кон фудбалот, а не кон случувањата надвор од стадионите.