Ја запре Шпанија, па се расплака: Емотивната исповед на херојот на Зеленортски острови!

Репрезентацијата на Зеленортските Острови го направи најголемото изненадувања на СП 2026, освојувајќи бод против актуелниот европски шампион Шпанија (0-0), за што најзаслужен беше голманот Возиња, кој со серија фантастични интервенции ја сочува својата мрежа и стана херој на националниот тим.

По последниот судиски свиреж, искусниот чувар на мрежата не можеше да ги задржи емоциите и се расплака на теренот.

„Плачев зашто пораснав со баба ми и дедо ми. За жал, тие веќе не се меѓу нас. Починаа пред неколку години и беа сè за мене“, изјави Возиња.

Голманот откри дека силни чувства предизвикала и мислата на неговата мајка, која не успеала да отпатува на натпреварот.

„Плачев и поради мајка ми. Не можеше да дојде поради проблеми со визата и финансиските трошоци. Навистина посакував да биде тука“, додаде тој.

Возиња истакна дека токму заедништвото е најголемата сила на селекцијата на Зеленортските Острови.

„Нашето најсилно оружје е единството. Многумина мислеа дека сме дојдени само да учествуваме, но ние дојдовме да се натпреваруваме и да се бориме за нашата земја“, порача херојот на мечот.

Во следното коло, Зеленортските Острови ќе се соочат со Уругвај, со надеж дека ќе ја продолжат својата историска приказна и ќе останат едно од најпријатните изненадувања на Мундијалот.