Ивановски по долгата пауза му се враќа на тенисот – со помош на Новак Ѓоковиќ!

Најдобриот македонски тенисер, Калин Ивановски, полека, но сигурно се враќа на тенискиот терен по долгата пауза поради повреда и операција, а доказ за тоа се добрите игри во Дејвис купот каде што беше најзаслужен за промоцијата на нашата селекција во Втората Светска група.

Тој оствари четири победи во исто толку меча во поединечна конкуренција против ривали од Молдавија, Косово, Грузија и Црна Гора, со што покажа дека е подготвен за враќање на турнирите. Ова беа први дуели за Ивановски по минатиот август, кога реши да ја прекине сезоната за да ги реши здравствените проблеми.

Колку е сериозен во желбата за враќање во добра форма е фактот што изминатиов период работеше со најголемиот на сите времиња, Новак Ѓоковиќ. Ова не е првпат да тренира со српската легенда, кој пред извесно време изјави дека би прифатил да одигра егзибициски дуел со Калин и тоа во Охрид.