Мароканецот кој го „расплака“ Бразил веднаш си обезбеди договор со - Баерн Минхен!

Исмаел Саибари стана херој на Мароко на стартот од СО 2026, откако беше стрелец во големото реми на неговата селекција против Бразил (1-1), по што стана јасно дека по турнирот ќе направи голем чекор во својата кариера.

Африканците го изненадија петкратниот светски шампион и тоа веќе во 21. минута, кога Саибари мајсторски ја прими топката од Брахим Дијаз, се проби меѓу Габриел и Маркињос и ладнокрвно го лобуваше излезениот Алисон. Напаѓачот на ПСВ не беше само стрелец, туку беше постојана закана во контранападите, прецизен во додавањата и доминантен во дуелите.

Неговиот гол и настап го потврдија она што во холандската Ередивизија се знаеше подолго време – Саибари е подготвен за најголемите европски сцени. Тој наскоро ќе игра во дресот на Баерн Минхен, барем според информациите на главниот „инсајдер“, Фабрицио Романо, според кого трансферот е многу блиску. Баерн и ПСВ веќе ги договориле основните услови, личните услови биле решени уште на почетокот на јуни, а Саибари веќе разговарал со тренерот Винсент Компани.

Медицинските прегледи би требало да се извршат во САД. Трансферот за ПСВ би требало да биде рекордна продажба, а понудите на Баерн се движат околу 45–53 милиони евра со бонуси. Саибари, кој е роден во Шпанија, но настапува за Мароко, оваа сезона за ПСВ во Ередивизија постигна 15 гола и 8 асистенции и беше еден од најдобрите играчи на холандскиот шампион.

ФОТО: africasoccer.com