Австралија сензационално го почна СП, Шкотска едвај до прва победа по 36 години (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Австралија ја направи првата (по)голема сензација на СП 2026, откако утринава по македонско време ја совлада Турција (2-0) во натпреварот со кој се комплетираше првото коло во групата Д, во која се уште и селекциите на САД и Парагвај (4-1).

Турците пред натпреварот важеа за фаворит, но на теренот Австралијците покажаа дека имаат квалитет да изненадат и европска репрезентација. Турција доминираше со повеќе од 70 проценти посед на топката и дури 30 удари кон противничкиот гол, но без конкретен резултат. Австралија дисциплинирано се бранеше и максимално ги искористи шансите што ги создаде.

Нестори Иранкунда во 27. минута избега зад турската одбрана и со прецизен удар донесе водство од 1-0. Во второто полувреме, Турците постојано напаѓаа, а Австралија ја чекаше својата можност од контранапад. Во 75. минута, по грешка на противникот, Конор Меткалф продре кон голот и со удар од далечина ги постави конечните 2-0.

Во првото коло од групата Ц, репрезентацијата на Шкотска го совлада Хаити со минимални 1-0. Да имаа повеќе среќа и присебност играчите на Хаити, особено Франци Пјеро, повратникот на Мундијалот по 53 години можеше да стигне и до историски бод. Шкотланѓаните први се заканија во 17. минута кога Скот Мектоминеј по центаршут од левата страна шутираше од прва, но ја погоди стативата. Решавачкиот момент се случи во 27. минута. Енди Робертсон проби по левата страна и испрати остра топка во шеснаесетникот. Одбраната на Хаити накратко реагираше пред Че Адамс, но одбиената топка стигна до Џон Мекгин, а потоа се одби од Жан-Рикнер Белгард и заврши во мрежата за конечни 1-0.

Со оваа победа, избраниците на Стив Кларк го забележаа првиот триумф на Мундијалите уште од 1990 година.