Катарците немаат вистински навивачи, па си купуваат (ФОТО)
Со цел да обезбеди силна поддршка од трибините, Катарскиот фудбалски сојуз, заедно со државниот Фонд за социјален и спортски придонес „Дам“, организирал патување во Северна Америка за 1.000 навивачи, при што сите трошоци биле покриени, објави Катарската новинска агенција.
Според договорот, фондот обезбедил финансиска поддршка за програма која вклучува авионски летови со националната авиокомпанија на Катар, хотелско сместување и превоз. Навивачите пристигнале во САД со три чартер-летови на 9, 10 и 11 јуни.
За делегацијата биле обезбедени 12 хотели, пет во Сан Франциско, четири во Ванкувер и три во Сиетл. Во групата е вклучена и навивачката иницијатива „Марун Стенд“, односно „Мудараџ Ал Анаби“, која беше отворена пред Азискиот куп во 2023 година со цел да ги мотивира младите да ја поддржуваат националната репрезентација.
Поддршката ќе ја дадат и катарски студенти кои живеат во САД и Канада, а кои биле поканети на натпреварите во координација со дипломатските претставништва.
Катарскиот инфлуенсер Абдула Ал Гафри на својот профил на Инстаграм, каде има 2,4 милиони следбеници, објави и фотограија од понудата поврзана со маршот на навивачите.
Во програмата напишана на арапски јазик, се наведува дека присуството на маршот е „задолжително“ за сите навивачи сместени во пет хотели во центарот на Сан Франциско, додека за останатите во другите хотели присуството е по избор.
