Почина популарниот Срцка – легендата од скопските спортски терени!

Скопските спортски терени останаа посиромашни за популарниот Срцка, кој почина денеска на 80-годишна возраст.

Во вечноста замина Светислав Димовски, кој можеби не беше активен кошаркар, ракометар или боксер, но беше незаменлив на теренот на сите позначајни средби во кошарка, ракомет или бокс во улога на редар или бришач на паркетот. Зад себе има повеќе од 10.000 натпревар, а во својата кариера „смени“ многу генерации кои беа благодарни за поддршката која постојано ја добиваа од чичко Славе.

Тој беше присутен на секој позначаен настан и тоа не само спортски во последните 60-тина години, а доказ за тоа се фотографиите со стотици познати личности од сите области. Спортските реликвии стојат насекаде во неговиот скромен дом. Срцка беше омилена личност кај сите што некогаш имаат дојдено во контакт со него.

Погребот е закажан за утре на гробиштата во Бутел од 12 часот.