Историска ноќ во „МСГ“: Њујорк надополни минус 29 и дојде на чекор до титулата (ВИДЕО)

Кошаркарите на Њујорк никс направија историски пресврт во четвртиот натпревар од НБА-финалето, совладувајќи го ноќеска тимот на Сан Антонио спарс (107-106) за водство од 3-1 во серијата, со што се најдоа на само една победа до првата шампионска титула по далечната 1973 година.

Тимот од „Медисон Сквер Гарден“ беше во речиси безизлезна ситуација, откако во текот на третата четвртина губеше со огромни 29 поени разлика (52-81). Спарс на полувремето имаа плус 27, но домаќините не се предадоа и направија еден од најголемите враќања во историјата на НБА-финалињата. Херој на вечерта беше Оу-Џи Ануноби, кој на само 1,2 секунди до крајот ја уфрли одбиената топка по промашениот шут за три поени на Џејлен Брансон и ја донесе победата за Никс. Најдобар поединец кај победникот беше токму Брансон со 36 поени и седум асистенции, додека Ануноби додаде 33 поени. Кај Спарс, Виктор Вембањама запиша 24 поени и 13 скока, но со скромен процент на реализација од поле.

Овој триумф ќе остане запишан во историјата како најголем пресврт во НБА-финале откако лигата во 1997 година почна детално да ја следи статистиката за движењето на резултатот. Досегашниот рекорд го држеше Бостон селтикс, кој во 2008 година против ЛА Лејкерс се врати од негатива од 24 поени.

Петтиот натпревар се игра во сабота во Сан Антонио, каде што Њујорк ќе ја има првата од трите шанси да стави крај на повеќедецениското чекање на шампионскиот трофеј.

ФОТО: X / @nyknicks