Хорор пред СП: Камерман за малку избегна смрт среде меч – фудбалерите се држеа за глава (ВИДЕО)

Потенцијално трагична сцена го одбележа пријателскиот натпревар меѓу Унгарија и Казахстан во Дебрецин, откако специјална телевизиска камера се откачи и падна директно на теренот од височина поголема од 20 метри.

Инцидентот се случи во текот на првото полувреме на стадионот „Наѓердеи“, кога камерата, која била поставена на сајли над тревникот, одеднаш почнала да чади. Според првичните информации од унгарските медиуми, најверојатно дошло до пожар кој го оштетил носечкиот кабел, по што конструкцијата попуштила под тежината на опремата. Моментот беше застрашувачки – тешката камера со силен удар заврши покрај аут-линијата, во близина на просторот каде што се загревале резервните фудбалери на домашната селекција.

Најшокантно е што камерата падна на само неколку метри од снимател кој се наоѓаше крај теренот. За среќа, никој не беше повреден, иако последиците можеа да бидат катастрофални. Судијата веднаш го прекина натпреварот во 26. минута за да се отстранат остатоците од уништената опрема, додека фудбалерите во неверување гледаа кон кровната конструкција на стадионот.

По краткиот прекин, мечот продолжи и заврши со победа на Унгарија (3-1).