Дресот на Хрватска прогласен за најгрд на СП 2026, а најубавиот е од – Африка!

Само два дена пред стартот на СП 2026, кое ќе се игра во САД, Канада и Мексико, доаѓа изненадувачка и прилично брутална оценка за дресовите на репрезентациите, а најмногу е погодена Хрватска.

Според рангирањето на угледниот американски портал „Атлетик“, домаќинската гарнитура на хрватската репрезентација е прогласена за најлошо дизајниран дрес меѓу сите 48 учесници на Мундијалот. Овој портал, кој е дел од медиумската империја на „Њујорк Тајмс“, не штедеше зборови во критиката за изгледот на дресот со препознатливата шаховница.

„Се разбира дека е примамливо да се игра со веќе препознатлив дизајн, но играњето со култната хрватска шаховница е како одење по жица – а Најк, за жал, падна од неа. Квадратите се премали, а белиот дел во средината изгледа како некој да почнал да уредува на телефон и едноставно се откажал“, стои во нивната рецензија.

Според рангирањето, дресот на БиХ завршил на 31. место, а коментарот за нивниот дизајн исто така бил остар, со посебен осврт на брендот и визуелниот идентитет на опремата. Од друга страна, најдобро оценет дрес според американските аналитичари е оној на Гана, додека Бразил се најде на второто, а Англија на третото место на листата.