Скандал: Претседателот на Фенербахче осуден на затворска казна!

Претседателот на турскиот фудбалски великан Фенербахче, Садетин Саран, е осуден на две и пол години затвор поради поттикнување на нелегално обложување, пренесуваат турските медиуми.

Турско-американскиот бизнисмен и спортски функционер е прогласен за виновен откако властите утврдиле дека на видео-платформата „Ес Спорт“, која работи во рамки на неговиот холдинг, биле емитувани реклами за нелегални обложувалници.

Според турската новинска агенција Анадолија, Саран ги отфрлил обвинувањата и најавил жалба на пресудата. Тој тврди дека спорните рекламни содржини не биле намерно емитувани, туку биле дел од спортските настани што се пренесувале на неговата платформа.

Покрај затворската казна, Саран е казнет и парично и ќе мора да плати околу 10.500 евра. Сепак, пресудата засега не предвидува негово итно приведување.

Саран на функцијата претседател на Фенербахче дојде минатата година, а според информациите од Турција, по изрекувањето на пресудата би можел да поднесе оставка веќе во наредните денови.

Фото: Fenerbahçe