Нов шок на Ролан Гарос – Италијанец направи историски пресврт во Париз (ВИДЕО)

Италијанскиот тенисер, Матео Арналди, го направи најголемиот пресврт на годинешниот Ролан Гарос и за првпат во кариерата обезбеди пласман во четвртфинале на еден гренслем-турнир, откако по маратонски меч од пет часа и 26 минути го совлада Американецот Френсис Тијафо (7-6, 6-7, 3-6, 7-6, 6-4).

Американецот во еден момент сигурно чекореше кон победата, со оглед на водството со 4-1 во гемови во четвртиот сет и тоа со два брејка предност, а подоцна сервираше и за триумф и се најде на само два поени од победа. Но, Арналди не се предаде, успеа се врати и да се избори тај-брејк, да го освои четвртиот сет, а потоа во решавачкиот дел направи два брејка и комплетираше спектакуларен пресврт.

„Отсекогаш сум сонувал да играм ноќен меч на Ролан Гарос. Во еден момент ова против Тијафо повеќе не беше тенис, туку нешто сосема друго. Игравме со сè што имавме. Некој мораше да победи, а за среќа тоа бев јас“, изјави Арналди по натпреварот.

Италијанецот во текот на дуелот спаси дури 17 од 25 брејк-топки и уште еднаш ја потврди својата борбеност на париската земјена подлога. До место меѓу осумте најдобри стигна по вкупно 17 часа и 42 минути минати на теренот, што е најдолго време потребно за еден тенисер да стигне до четвртфинале на гренд слем уште откако ATP ја води оваа статистика од 1991 година.

Во битката за полуфинале Арналди ќе игра против сонародникот Матео Беретини, кој претходно го елиминираше Хуан Мануел Серундоло. Покрај нив двајца, меѓу осумте најдобри се најде и Флавио Коболи, па ова е првпат во историјата тројца италијански тенисери да стигнат до четвртфинале на ист гренслем-турнир – и тоа без светскиот рекет број еден Јаник Синер.

 

ФОТО: X / @rolandgarros