Голема ѕвезда на Иран отпадна за Мундијалот поради политички причини (ФОТО)

Иран го објави конечниот список од 26 фудбалери за настап на Светското првенство, а дури 17 репрезентативци доаѓаат од домашното првенство, чии клубови поради воените судири на Блискиот Исток немаат одиграно официјални натпревари уште од февруари.

Меѓу деветтемина интернационалци се наоѓа и најголемата иранска ѕвезда Мехди Тареми, напаѓач кој настапува во грчкиот шампионат. Сепак, на списокот го нема Сардар Азмун, неговиот долгогодишен партнер во нападот од Светското првенство во 2022 година.

Азмун отпадна од плановите на селекторот Амир Галеноеи уште во март, а според информациите на медиумите причина е објава на социјалните мрежи која ги налутила иранските власти за време на конфликтот со САД и Израел.

За разлика од него, повик доби неговиот клупски соиграч Саид Езатолахи. Во составот на Иран има петмина фудбалери од клубови од ОАЕ, двајца од Белгија, еден од Грција и еден од Русија.

Интересен детал е и случајот со Денис Даргахи, кој на официјалниот список е запишан под тоа име, додека во белгискиот клуб каде што настапува се користи со друго презиме.