Стерјев: Кузмановски и Манасков добија одлични понуди, никој не може да биде награден

Екипата на Пелистер денеска го претстави Лино Червар, но на прес-конференцијата се зборуваше и за ростерот на тимот за наредната сезона.

Првиот човек на Пелистер, Зоран Стерјев истакна дека ростерот не е затворен, а ситуацијата со Дејан Манасков и Филип Кузмановски е неизвесна. Пред двајцата се понудени нови договори и сега клубот го чека одговорот.

„Ситуацијата со Манасков и Кузмановски е отворена и тоа е така поради нивна страна, клубот им понуди нови договори. На Кузмановски му е понуден двегодишен договор, а на Манасков едногодишен. Водиме преговори, клубот максимално ги почитува и двајцата и во рамките на своите можности правиме се за тие да бидат тука и наредната сезона. Сепак, на крајот заедно ќе треба да ја донесеме одлуката.

Сметаме дека сите услови и можности кои им се понудени, се одлични и треба да бидат прифатени.

Ние сме задоволни од тоа што тие го прикажаа на теренот, меѓутоа сепак и на нив и на сите други им беше кажано дека минатата сезона беше неуспешна затоа што целите не се остварија и во рамките на тоа мора да се очекува дека не можете да биде наградени“, изјави Стерјев.