Червар: Доаѓам во Пелистер, најголемиот ракометен клуб во Македонија!

Екипата на Пелистер денеска и официјално го претстави Лино Червар кој се враќа во македонскиот ракомет по цели осум години.

Червар на претставувањето не штедеше пофалби за својот нов клуб и го истакна Пелистер како најголем ракометен клуб во Македонија.

„Чест ми е што ќе работам тука во Битола, ова е град со голема традиција. За мене ова е по осум години враќање во Македонија и тука ќе биде крајот на мојата кариера, во градот кој има ракометна религија. Ова е град на ракометот, луѓето сакаат спорт и прекрасно е да се работи тука во спортот кој го сакате. За мене Пелистер е најголемиот ракометен клуб во Македонија, имаме тешка задача, конкуренцијата е голема“, изјави Червар.

Порача Червар и дека ќе има респект кон конкурентите.

„Мораме да ги пофалиме и конкурентите, Вардар кој се разбоди, потоа Охрид кој вчера освои титула и Алкалоид е тука. Исто така мораме сите да бидеме пријатели и да навиваме едни за други, кога не сме на теренот да се бориме, а кога сме таму јас велам Пелистер над се. Само еден клуб, само еден град, Битола, тоа ќе биде во мојата глава додека работам тука. Сите ќе дадеме се од себе за да ја оправдаме довербата“, додаде хрватскиот стратег.

Ќе потсетиме, Пелистер наредната сезона ќе се обиде наредната сезона да ги врати трофеите на домашната сцена кои оваа сезона завршија во рацете на Вардар.