Eден бразилски репрезентативец против Панама доби свирежи (ВИДЕО)

Бразил со убедлива победа од 6-2 против Панама ги продолжи подготовките за Светското првенство, но дел од навивачите на „Маракана“ најдоа причина за незадоволство. На удар на свирежите се најде голманот Алисон Бекер, иако не беше главниот виновник за примениот гол.

Панама поведе во 13. минута по изведување на слободен удар. Топката на патот кон голот го погоди Матеус Куња во живиот ѕид, го смени правецот и го измами Алисон, кој не успеа да интервенира.

И покрај тоа, дел од публиката на „Маракана“ го исвирка бразилскиот репрезентативец. Голманот на Ливерпул по натпреварот призна дека ги слушнал реакциите од трибините, но се обиде и да се пошегува на своја сметка.

„Животот на голманот е таков. Дури и кога не си виновен, секогаш си виновен“, изјави Алисон со насмевка.

Тој додаде дека во Бразил постои стара изрека според која секоја несреќа на теренот на крајот му се припишува на голманот.

„Кога тимот ќе прими гол, луѓето секогаш ќе го обвинат голманот, без разлика што навистина се случило. Така е во текот на целата моја кариера“, истакна искусниот чувар на мрежата.

Алисон смета дека голот бил резултат на несреќен сплет на околности.

„Тоа беше момент на несреќа. Ваквите ситуации мора да ги поправиме пред Светското првенство, но за време на натпревар не смееш премногу да размислуваш за грешките. Најважно е да останеш концентриран“, порача бразилскиот голман.

Фото: Confederação Brasileira de Futebol