Македонија среде Истанбул во „жешка“ атмосфера ќе ја тестира Турција

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва го игра вториот подготвителен натпревар во овој репрезентативен прозорец и со уште еден учесник на Мундијалот, селекцијата на Турција.

Натпреварот на Кошево против БиХ пред три дена заврши без голови, а за избраниците на Гоце Седлоски денешниот дуел ќе биде уште еден сериозен предизвик, Турција од друга страна слично како и Босна ќе тестира комбинации пред Мундијалот.

Турција местото на Светското првенство го обезбеди преку Романија која ја совлада и дома и на гостински терен, а нема дилеми дека Винченцо Монтела располага со силен состав, па затоа за Македонија ова е еден сериозен тест.

Според најавите од Турција вечерва се очекува против Македонија минутажа да добијат и ѕвезди како Арда Ѓулер од Реал Мадрид, Кенан Јилдиз од Јувентус и Хакан Чалханоглу оид редовите на Интер.

Трибините на стадионот „Шукру Сараџоглу“ на Фенербахче во Истанбул ќе бидат исполнети до последното место, а за Езѓан Алиоски и Елиф Елмас ова ќе биде враќање на добро познато место бидејќи двајцата своевремено беа дел од трускиот гигант. Исто така убави спомени од тука имаат Дарко Велковски, Бобан Николов и Висар Муслиу кои во 2017 година како фудбалери на Вардар го елиминираа Фенербахче и се пласираа во Лигата на Европа.

Ќе потсетиме, капитенот Енис Барди кој го пропушти и дуелот со БиХ не е во составот поради повреда, натпреварот е закажан во терминот од 19:30 часот.