Хорор на парадата на Арсенал: Навивач избоден со нож - 16 лица зад решетки (ВИДЕО)
Инцидентот се случил синоќа во непосредна близина на стадионот „Емирати“, каде што маж бил нападнат со ладно оружје. Повредениот итно бил пренесен во болница, но засега нема информации за неговата здравствена состојба. Според соопштението на лондонската полиција, до 18 часот биле уапсени девет лица, но бројката подоцна се зголемила на 16 поради дополнителни инциденти за време на прославата. Приведените се товарат за нарушување на јавниот ред и мир, поседување наркотични средства, сексуален напад и напад врз службени лица.
Поради огромниот број луѓе и зачестените инциденти, полицијата активирала специјални овластувања познати како „Член 60“, со кои се овозможува проширена контрола и претрес на граѓаните без претходно сомнение. На терен биле ангажирани околу 500 полицајци, потпомогнати од дронови и специјализирани единици за контрола на масовни собири. Во акцијата се вклучила и противпожарната служба, која спасила 75 лица што се искачиле на покриви и автобуски постојки за подобар поглед на парадата, и покрај предупредувањата за безбедносен ризик.
Шампионската поворка, на која учествуваа машкиот и женскиот тим на Арсенал, се движеше по траса долга девет километри низ северен Лондон. Според првичните проценки, на улиците имало меѓу 750.000 и еден милион навивачи. Интересно, прославата дојде само еден ден по големото разочарување за „топчиите“ во Париз, каде што загубија во финалето на Лигата на шампионите од ПСЖ по изведување пенали и останаа без историскиот прв трофеј во најелитното европско клупско натпреварување.