Бразил веќе е моќен – и без Нејмар до врв ја наполни мрежата на Панама (ВИДЕО)

Селекцијата на Бразил испрати моќна порака пред почетокот на Сп 2026, откако ноќеска убедливо ја совлада Панама (6-2) во пријателски натпревар одигран во Рио де Жанеиро.

Избраниците на Карло Анчелоти доминираа во текот на целиот меч, а особено во второто полувреме кога постигнаа дури четири погодоци. Интересно, искусниот стратег направи дури десет измени на паузата, но тоа воопшто не го наруши ритамот на „кариоките“. Бразилците поведоа уште во втората минута преку Винисиус јуниор, кој со фантастичен удар од далечина ја симна „пајажината“ од противничкиот гол. Панама израмни во 14. минута по несреќен автогол на Матеус Куња, кој ја пренасочи топката во сопствената мрежа по слободниот удар на Амир Муриљо.

Сепак, Бразил брзо ја врати контролата и пред паузата повторно поведе преку Касеемиро, кој со глава реализираше по одличниот центаршут на Винисиус. Во вториот дел следуваше вистински потоп за Панамците. Рајан зголеми на 3-1, а потоа Лукас Пакета погоди за четвртиот гол на домаќините. Само три минути подоцна, Игор Тијаго беше прецизен од белата точка за убедливи 5-1. Данило, пак, стави точка по одличната акција на Пакета за шестиот погодок на Бразил, додека Карлос Харви во финишот само го ублажи поразот на Панама.

Во составот на Бразил не настапи Нејмар, кој сè уште се рехабилитира од повреда на листот. „Кариоките“ во сабота ќе го одиграат последниот контролен натпревар пред Мундијалот против Египет во Кливленд, а премиерниот настап на СП ги очекува на 13 јуни против Мароко.

ФОТО: Facebook / @CBF