Страшна доминација на Охрид - со 11 победи на 12 натпревари до титулата

Екипата на Охрид сезонава беше градена да направи пробив во домашното првенство и Купот, но буквално се прошета до титулата во ЕХФ Европскиот куп.

Откако вечерва по вторпат ја совлада Татабања, може да се заклучи дека успехот во ова натпреварување воопшто не е случаен. Охриѓани покажаа ретко видена доминација и покрај тоа што станува збор за трето по квалитет натпреварување под капата на ЕХФ.

Од вкупно 12 натпревари во него, Охрид оствари дури 11 победи, а и единствениот пораз беше минимален (26-27). Азербајџанскиот Баку го совладаа со вкупно +50 (44-11 и 38-21), босанската Слога Добој со +42 (37-19 и 32-18), чешката Дукла со +15 (30-21 и 30-24), грчкиот Олимпијакос со +6 (31-26 и 25-24), словенечкиот Целје со +1 (26-27 и 29-27) и во финалето унгарската Татабања со +7 (29-28 и 31-25).

Дури и Алкалоид минатата сезона не беше толку доминантан како сега Охрид. Скопскиот тим тогаш доживеа еден пораз (од Сандефјорд) и еднаш одигра нерешено (со Баја Маре) што секако не го намалува неговиот успех.