„Фитиљ остани“ - грмеа навивачите на Пелистер по последниот натпревар во сезоната (ВИДЕО)

Екипата на Пелистер вечерва официјално стави крај на оваа сезона, со победа против Алкалоид со која го запечати второто место на табелата.

По дербито, битолската публика се прости со голем број од играчите кои летово ќе ја сменат средината, но највпечатливо беше скандирањето упатено кон капитенот Филип Кузмановски.

„Фитиљ остани“ - грмеа „Чкембари“, упатувајќи му повик на искусниот бек да продолжи да го носи зелено-белиот дрес во кој освои три шампионски титули во македонското првенство.

Кузмановски во јуни ќе замине во Кувајт каде ќе помине еден месец играјќи во Азиската лига на шампиони, но одамна беше најавено дека ќе го продолжи договорот со Пелистер барем на уште една сезона. Интерес за него постои од Партизан, како и од германски клубови, а не е тајна дека и Охрид сака да го види во своите редови. Од гестикулацијата на Кузмановски можеше да се заклучи дека тој нема против да остане во Пелистер чиј лидер е последните четири сезони.