Селекторот на БиХ не нѐ потценува: Македонија е сериозен тест за нас!
Тој, на денешната прес-конференција, најпрво зборуваше за состојбата со повредените фудбалери и откри дека Харис Табаковиќ е на добар пат кон враќање.
„Тој ќе ни се приклучи пред патувањето, но постои можност да продолжи со терапијата за да бидеме сигурни дека ќе биде целосно подготвен кога ќе дојде“, изјави Барбарез.
Барбарез се осврна и на повредата на Иван Шуњиќ, посочувајќи дека не станува збор за сериозен проблем и дека се очекува повторно да биде со тимот за викендот, а и откри дека Един Џеко добил поштеда од тренинзите како превентивна мерка.
„Им давам одговорност на играчите да ни кажат ако почувствуваат и најмал проблем. Подобро е сега да одморат, отколку кога ќе пристигнеме во Америка“, додаде селекторот.
Посебно внимание предизвика неговата изјава за Македонија, која Барбарез ја опиша како сериозна и квалитетна репрезентација.
„Ако не сте сериозни, тогаш не треба никого да рангирате. Пријателските натпревари мора да се сфатат како сериозни тестови. Македонија е квалитетна селекција и има нов селектор. Пред Лигата на нации играат против нас и Турција и сигурно ќе сакаат победа, исто како и ние“, истакна Барбарез.
Тој најави и ротации во составот, со цел сите играчи да добијат минутажа, но потенцираше дека и покрај пријателскиот карактер, мечот ќе има сериозен натпреварувачки пристап. Натпреварот меѓу Босна и Херцеговина и Македонија ќе се игра в петок од 20.30 часот на стадионот „Кошево“ во Сараево.