Бразилците затворија болница поради Нејмар – го пропушта стартот на СП (ВИДЕО)
Според „Дејли Мејл“, 34-годишниот фудбалер пристигнал во кампот на селекторот Карло Анчелоти со хеликоптер, но поради повредата на листот заработена во дресот на Сантос не учествувал на првиот тренинг. Бразилскиот „Глобо“ пишува дека лекарските прегледи траеле до еден часот по полноќ, а локална клиника била затворена специјално за деталните тестови на Нејмар. Дополнително, наводно постоела тензија меѓу бразилската федерација и Сантос околу информациите за сериозноста на повредата.
Нејмар речиси сигурно ќе ги пропушти контролните натпревари против Панама и Египет, што значи дека би можел недоволно подготвен да го дочека Мундијалот во САД, Канада и Мексико. Во меѓувреме, новинарот Фабрицио Романо објави дека Бразилецот ќе паузира две до три недели и сигурно ќе го пропушти воведниот натпревар против Мароко.
Селекторот Анчелоти конечниот список за Светското првенство треба да го достави до 1 јуни, а по тој рок промени ќе бидат можни само во случај на повреда или сериозна болест. И покрај проблемите со повредата, Нејмар останува една од главните ѕвезди на бразилската репрезентација, а медиумите во Бразил пишуваат дека по објавувањето на списокот заработил милионски суми преку спонзорирани објави на социјалните мрежи.