Хујсен со фотографија му одговори на Де ла Фуенте за изземањето од репрезентацијата (ФОТО)

Дефанзивецот Дин Хујсен беше единствената надеж Реал Мадрид да има свој претставник во шпанската репрезентација на Светското првенство, но ни тој нема да патува на американскиот континент.

Селекторот Луис де ла Фуенте денеска го објави списокот од 26 фудбалери на кои смета за Мундијалот, а на него го нема Хујсен. Очигледно на стоперот кој во 2024 година беше дел од селекцијата што ја освои титулата на Европското првенство тешко му падна оваа одлука, па со фотографија на Инстаграм му одговори на селекторот на шпанската репрезентација.

На неа е идеалниот тим на шпанската Ла Лига според статистичката институција Софаскор, базирана на оценките на фудбалерите во штотуку завршената сезона. Во идеалниот тим е и Хујсен со просечна оценка 7,28 поради што играчот на Реал смета дека треба да биде во составот на „фуријата“.

Прашање е колку е сето ова меродавно ако се знае дека Реал беше далеку зад Барселона во борбата за шампионската титула и сезоната ја заврши со осум бода помалку, а сепак има петмина фудбалери во идеалната постава, додека „каталонците“ се со четири.