Шампионот растурен, Европа ќе добие нов кошаркарски владетел

Екипата на Олимпијакос е прв финалист во Евролигата откако попладнево буквално го растури досегашниот европски шампион Фенербахче.

Тимот од Пиреја славеше со 79-61 и в недела ќе се бори за четвртата титула во својата историја, прва по пауза од 13 години. Финалето помина целосно во знакот на Олимпијакос кој во текот на сите 40 минути беше во предност и перманентно го зголемуваше своето водство. Олимпијакос отвори со 12-0, Фенербахче привремено се врати во игра, но вториот период грчкиот тим го почна со 9-0 за предност од 29-12.

Веројатно се беше решено на стартот од второто полувреме кога Олимпијакос ги достигна највисоките +20 (64-44). Последниот обид на Фенербахче да се врати во мечот беше во финалниот период кога се доближи на само седум разлика (49-56), но Олимпијакос го одби и тој налет, брзо отиде на водство од 17 поени и стави точка на мечот.

Питерс со 17 и Везенков со 16 поени беа најефикасни кај Олимпијакос, а толку имаа и првите стрелци на Фенербахче, Биберовиќ и Хортон Такер.

Противник на Олимпијакос во финалето ќе биде Валенсија или Реал, но во моментов е јасно само дека Европа ќе добие нов кошаркарски владетел.