Вардар контра ФФМ: Не може да добиеме дисциплинска пријава, пеењето беше на приватна прослава!

Фудбалската федерација на Македонија потврди дека отворила постапка против Вардар за прославата на титулата која предизвика бурни реакции во јавноста, меѓутоа сега од клубот порачуваат дека нема основа за дисциплинска пријава.

Имено, клубот испрати допис до ФФМ во кој потенцира дека не може да биде казнет затоа што не станува збор за нешто што се случило на официјален натпревар, туку на приватна прослава.

Клубот потенцира и дека клупската официјална прослава на двојната круна на домашната сцена е закажана за 23 мај, утре по натпреварот против Шкендија кој се игра во терминот од 18:00 часот.

„Особено укажуваме дека Дисциплинскиот правилник на ФФМ предвидува дисциплинска одговорност на клубовите за дејствија сторени во рамки на натпревари, официјални настани, организација на натпревар или активности кои се под организациска, управувачка или фактичка контрола на клубот.

Во конкретниот случај:

1. Не се работи за службен или официјален настан на ФК Вардар АД Скопје;

2. Настанот не бил организиран, финансиран или координиран од Клубот;

3. Не се случил во рамки на официјален натпревар или протокол на ФФМ;

4. Не постои дејствие на клубот како правно лице кое би можело да биде предмет на дисциплинска одговорност.

Согласно член 116 од Дисциплинскиот правилник на ФФМ, дисциплинска одговорност може да постои доколку постои повреда на правилата сторена од клуб, службено лице, играч или друг субјект во врска со вршење на фудбалска дејност и во рамки на надлежностите на ФФМ. Во конкретниот случај, евентуални приватни постапки или однесување на одредени лица надвор од официјални натпревари и надвор од организација на клубот не можат автоматски да создадат дисциплинска одговорност за ФК Вардар АД како правно лице“, стои во реакцијата на Вардар.