Срамно објаснување на Беќири: Поради техничка грешка не ги примивме медалите!

На прес-конференцијата по натпреварот, тренерот на Шкендија, Јетон Беќири, се обиде да го оправда скандалозниот потег на неговиот тим да не ги прими медалите за поразениот.

Шкендија со 0-1 го загуби финалето од Силекс, тетовци наместо гордо да го прифатат поразот, тие не сакаа ниту да ги примат медалите за поразениот.

Иако спикерот на стадионот неколкупати ги повика да се упатат кон местото на медалите, играчите на Шкендија стоеа пред своите навивачи.

„Тоа беше техничка грешка, играчите не беа на местото во тој момент“, се правдаше Беќири по мечот иако сите на стадионот и на тв екраните видоа дека фудбалерите беа замолени да си ги подигнат медалите.

Мечот заврши скандалозно, а така и започна, со исвиркување на химната од страна на навивачите на Шкендија.

„Не би сакал да го коментирам исвиркувањето на Химната“, рече Беќири.

Што се однесува до играта, тој причината за поразот ја гледа во напорната сезона и проблемите со повреди.

„Една грешка во нашата одбрана го одлучи натпреварот, тоа беше пресудно. Имавме неколку шанси, но не дадовме гол. Истрошени сме оваа сезона од многуте натпревари, а загубивме и важни играчи како Решат Рамадани, Бесарт Ибраими и Роналдо Вебстер. Тактиката денеска играше главна улога“, кажа Беќири.