Червар: Не се плашам од предизвикот во Пелистер, секаде каде што бев, се борев за врвот

По пауза од девет години, хрватскиот ракометен стручњак Лино Червар се враќа во Македонија и ќе го води довчерашниот шампион Пелистер.

Откако се беше решено и потпишан договорот, Червар ја отвори душата за домашните медиуми за кои потврди дека поради еден човек не може да работи во татковината. Сепак, зборуваше и на други теми, пред се за предизвикот што го очекува во Пелистер.

„Дури во јули ќе одам во Македонија, сè уште има време дотогаш. Она што сè уште го имам е енергијата што доаѓа од мојата љубов кон оваа работа и спортот во кој сум бил целиот мој живот. Имам идеја, не спиев во последните години, останав љубопитен бидејќи сакам да учам нешто секој ден. Не се плашам од предизвикот во Пелистер бидејќи каде и да сум работел досега, се борев за врвот. Дојдов од Петтата лига во Првата лига со Умаг и се борев да останам таму, ја презедов репрезентацијата кога никој не го сакаше тоа и за 18 месеци со екипата што заврши последна на Европското првенство, освоив светско и олимписко злато... Тогаш покажавме дека 'губитниците и аутсајдерите', како што беше оценета таа генерација, можат да станат најголеми победници за кратко време. И тоа, мислам, е невидено во светот на спортот“, рече, меѓу другото, Червар.

Пелистер не е повеќе владетел во македонскиот ракомет бидејќи Вардар ја освои двојната круна, но во новата сезона ќе влезе значително освежен и со еден од најдобрите европски стручњаци на сите времиња.