МЗТ рутински го доби нервозното второ финале со - пет технички и четири неспортски (ФОТО)
Она што во првото полувреме навестуваше рутинска игра и победа на аеродромци, се претвори во драма во последната четвртина која помина во нервозна игра на двете страни, а за што придонес имаа и судиите. Во последните десет минути имаше дури пет технички грешки од кои четири за Маџари, а во текот на целиот меч беа досудени и четири неспортски фаули. Како последица на тоа, крајот покрај клупата не го дочека тренерот на Маџари, Миодраг Тодоровиќ, како и играчот на МЗТ Скопје, Илајџа Мекејден.

МЗТ Скопје одигра доминантни три четвртини во кои ја имаше контролата над резултатот и во финишот од првото полувреме водеше со дури 18 поени разлика (44-26). Маџари се симна на едноцифрена негатива дури пред крајот на третиот период (51-60), но никој не сметаше дека тоа би можело да значи почеток на пресврт. По тројката на Димчевски и положувањето на Армстронг, гостите се доближија на само три поени негатива (76-79), имаа и напад за израмнување, но Димчевски беше непрецизен, па Петков од линијата за слободни фрлања стави точка на мечот.

Смит беше најефикасен со 19 поени, а само уште Војдан Стојановски беше двоцифрен, со 18. Луис го предводеше Маџари со 25 поени, а Армстронг додаде 17. Третиот натпревар од серијата се игра на теренот на Маџари в недела (19 часот) и тогаш МЗТ ќе ја има првата шанса за 13. шампионска титула.

