Нова димензија на скандалот во Англија: Хал бара директен пласман во Премиер лигата

Фудбалот во Англија сè уште е потресен од големиот скандал откако Саутемптон беше дисквалификуван од плејофот за Чемпионшип поради шпионирање на тренингот на Мидлсброу.

Место да ја смири ситуацијата, одлуката отвори нов голем проблем - сопственикот на Хал Сити, Акун Иликали реагираше бурно. Хал требаше да го игра финалето од плејофот против Саутемптон, но откако „светците“ беа дисквалификувани, Мидлсброу го зазеде местото во финалниот натпревар. Таквиот исход го разбесни Иликали, кој тврди дека во оваа ситуација Хал требало директно да освои место во Премиер лигата.

„Ако финалистот биде дисквалификуван, мора да одиме директно во повисок ранг. Ако Саутемптон го изгубеше натпреварот на зелената маса, немаше да имаме забелешки, но на крајот беа дисквалификувани. Во нормални околности, ако финалистот биде дисквалификуван, би морале ние директно да одиме во Премиер лигата“, рече сопственикот на Хал.

Според него, промената на противникот само неколку дена пред финалето сериозно го нарушила подготовките на неговиот тим.

„Се подготвувавме за Саутемптон десет дена. Сите анализи и планирање беа фокусирани на нив. Сега, три дена пред финалето, противникот е сменет“, рече Иликали.

Целиот случај предизвика голем хаос во англискиот фудбал бидејќи сè се случува во пресрет на највредниот натпревар во сезоната. Финалето од плејофот за Премиер лигата традиционално се смета за еден од најважните финансиски дуели во светскиот фудбал. Победникот од натпреварот влегува во Премиер лигата и обезбедува огромен приход, проценет на околу 300 милиони евра преку телевизиски права, спонзорски договори и комерцијални приходи.

Според моменталниот распоред, Хал Сити и Мидлсбро треба да го играат финалето в сабота, 23 мај, со почеток во 18:30 часот. Натпреварот треба да го одреди третиот патник во Премиер лигата. Но, со оглед на тоа што Хал ќе поднесе жалба, останува прашањето дали целата работа може да предизвика дополнителни компликации и потенцијално да ги промени плановите пред Вембли.