ТФТ го врати ударот: Ќе се игра „мајсторка“ за трето место

Екипата на ТФТ израмни на 1-1 во серијата за бронзениот медал во домашното кошаркарско првенство откако попладнево го совлада Пелистер во Битола со 116-112, по продолжение.

Двата досегашни натпревари од оваа серија им припаднаа на гостинските тимови, па освојувачот на третото место ќе биде познат по „мајсторката“ која ќе се игра во Скопје во текот на викендот. Победникот од тој натпревар ќе има предност при одлучувањето кои екипи ќе ја претставуваат Македонија во АБА 2 лигата идната сезона.

Натпреварот можеше да биде одлучен и по основниот дел бидејќи на две минути пред крајот ТФТ водеше со 96-91. Сепак, Пелистер направи серија од 7-0 и во последните 17 секунди влезе со минимална предност. За продолжение се избори Виктор Ташовски кој погоди положување со истекот на времето. Во дополнителните пет минути Пелистер направи предност од четири разлика (106-102 и 108-104), но сега ТФТ се врати со серија од 7-0, нешто подоцна поведе и со 114-110 и со тоа го скрши отпорот на домашниот тим.

ТФТ со ова ја прекина серијата од седум порази во сите натпреварувања, а најзаслужни за тоа беа Гордон кој постигна 30 поени и 13 скока, Ташовски со 25 и Дејвис со 23 поени. Џенкинс одигра извонреден натпревар со 37 поени, но тоа не беше доволно за победа на Пелистер.