Бруно израмни голем рекорд, Касемиро се збогуваше – Јунајтед го доби Нотингем! (ВИДЕО)

Фудбалерите на Манчестер јунајтед славеа победа од 3-2 против Нотингем форест во натпревар кој немаше преголемо резултатско значење, но ќе го памети Бруно Фернандеш кој израмни голем рекорд во Премиер лигата.

Португалецот стигна до бројката од 20 асистенции во една сезона со што стана само третиот фудбалер во историјата на кого му успеало тоа, пред него на толку асистенции застанаа Кевин Де Брујне и Тиери Анри.

Фернандеш ќе има прилика во последното коло против Брајтон и да постави рекорд како прв фудбалер со повеќе од 20 асистенции.

Денеска Јунајтед брзо го отвори резултатот со голот на Лук Шо во петтата минута и тоа беше единствениот гол во првиот дел. Потоа во вториот дел набрзина видовме два гола, прво израмни Морато, а потоа Куња го врати водството на Јунајтед.

Се играше 76. минута кога Фернандеш ја запиша асистенцијата за Мбуемо, додека две минути подоцна Гибс Вајт ги постави конечните 3-2.

За издвојување од денешниот дуел е и збогувањето на Касемиро кој го одигра последниот натпревар на „Олд Трафорд“ како фудбалер на Манчестер јунајтед бидејќи на крајот од оваа сезона го напушта клубот.

Фото: Manchester United