Министерство за спорт ќе го покрие настапот на каратистите на ЕП
-На нашите најдобри каратисти им посакувам успешен настап на Европското првенство со максимална посветеност и силен тимски дух. Верувам дека тие достоинствено ќе ја претставуваат Македонија на европската сцена и ќе не израдуваат со добри резултати – истакна Ристовски.
Министерството за спорт целосно ќе го покрие настапот на нашата А сениорска репрезентација во карате на претстојното Европско првенство во Германија.
Со овој чекор јасно се покажува дека Министерството секогаш ќе биде на страната на спортот и целосно ќе го поддржува афирмирањето на А селекциите на највисоките европски и светски натпреварувања.

Од Карате федерацијата на Македонија не го криеја задоволството од ваквата одлука на министерот Ристовски и истакнаа дека успешната соработка со Министерството за спорт ќе продолжи и во иднина, а македонските каратисти со гордост ќе ја претставуваат Македонија на сите врвни натпреварувања.
Во знак на добрата соработка, селекторот на македонската карате репрезентација на министерот Ристовски му врачи спортска опрема која е спонзорство за А селекцијата на КФМ од општествено одговорната фирма Лома Спорт .
На ЕП во Германија ќе настапат 600 натпреварувачи од 50 земји. Македонија ќе ја претставуваат вкупно 16 каратисти, девет во женска и седум во машка конкуренција.

Селекторот Александар Кузмановски го објави индивидуалниот и екипниот состав што ќе ја претставува Македонија. Во женска конкуренција ќе настапат: Ива Пецевска (-50 кг), Михаела Мишовска (-55 кг), Вероника Костовска (-61кг),Ера Коџа (-68 кг),Ердона Зибери (+68 кг). Сите пет каратистки ќе настапат и во тимска конкуренција.
Машкиот состав го сочинуваат: Недим Шакири (-60 кг),Матеј Белистојански (-67 кг), Љупчо Михајлов (-75 кг), Реџеп Рушити (-84 кг),Стефан Стојановиќ (+84 кг). Во тимските борби ќе настапат и Мурсељ Мисими и Филип Стојанов.
Селекторот во ката, Стојан Андриевски, соопшти дека во индивидуална конкуренција во оваа дисциплина ќе настапи Владанка Аврамова, а екипно заедно со неа во составот ќе бидат и Данка Стојкова и Сара Трпковска.
Селекторите на денешната средба со министерот Ристовски истакнаа дека подготовките на сениорската репрезентација за претстојниот настап се одвивале во одлична атмосфера, со максимална посветеност, дисциплина и мотивираност на репрезентативците и стручниот тим и очекуваат успешен настап во конкуренција на најдобрите каратисти во Европа.

