Статистиката не лаже: Нејмар може да биде многу важен за Бразил

Нејмар изминатата вечер го одигра својот прв натпревар за бразилската репрезентација по речиси три години пауза, но во него покажа дека може да биде важен дел од тимот.

Ѕвездата на Бразил долго време беше надвор од националниот тим поради тешката повреда што ја заработи во октомври 2023 година, кога ги скина предните вкрстени лигаменти на коленото. Сега, селекторот Карло Анчелоти повторно го врати во составот, очекувајќи од него со своето искуство да направи разлика на теренот.

Нејмар настапи само 15 минути, а останува да се види дали ќе добие поголема минутажа во нокаут-фазата од натпреварувањето.

Сепак, статистиката покажува дека неговото влијание е големо без оглед на тоа колку време минува на теренот. Според податоците на „Опта“, Нејмар за само 15 минути против Шкотска создаде дури три големи можности за гол.

Ниту еден фудбалер што влегол од клупата на Светските првенства не успеал да креира толку шанси уште од 2006 година. Последен кому тоа му успеало бил Рикардињо на натпреварот меѓу Бразил и Гана, кога во игра влезе во 83. минута и исто така создаде три шанси.

Многумина често го критикуваат Нејмар дека претерува при некои прекршоци и дека му недостига цврстина во дуелите. Но бројките зборуваат поинаку, тој е една од најчестите мети на противничките играчи.

Откако дебитираше на Светските првенства во 2014 година, ниту еден фудбалер не бил почесто фаулиран од него. Нејмар досега претрпел 61 прекршок на Мундијалите, а поради груба игра врз него противничките играчи добиле вкупно 13 жолти и црвени картони.