Вардар во Струга по шампионски бод(ови), Брера и Арсими по опстанок кај куп-финалистите!
Црвено-црните би дошле до трофејот и со евентуален кикс на Шкендија на домашен терен против Брера, но сигурно ќе сакаат сами да стават печат на одличната сезона. Од струшкиот табор порачуваат дека нема да има калкулации и дека нивниот мотив е победа против големиот ривал.
„Се надевам дека ќе биде добар и интересен натпревар, каков што доликува на едно дерби. Нека победи подобриот. Верувам дека добро се подготвувавме цела недела и се надеваме на позитивен резултат“, изјави Христијан Малески.
Двата меѓусебни натпревари сезонава меѓу Струга Трим Лум и Вардар завршија нерешено – 2-2 во Скопје и 1-1 во Струга, а стрелец за домашните на последниот дуел беше токму Малески.
Во сенка на битката за титулата, огромна драма се води и во борбата за опстанок. Арсими гостува кај Силекс во Кратово со јасна цел – победа која би значела избегнување на бараажот и сигурен опстанок во лигата. Фудбалерот Ремзифаик Селмани порача дека тимот е максимално мотивиран пред еден од најважните натпревари сезонава.
„Многу сме блиску до остварување на нашата цел и не сакаме да дозволиме таа да ни избега. Во Кратово одиме по победа, бидејќи сакаме да го обезбедиме опстанокот без бараж“, истакна Селмани.
Во тешка ситуација е и Брера, кој мора да бара позитивен резултат на гостувањето кај Шкендија во Тетово ако сака да ги задржи шансите за директен опстанок.
„Одиме во Тетово со цел да одиграме квалитетно и да оствариме позитивен резултат“, порачуваат од Брера.
Вардар на две кола до крајот има шест бодови повеќе од Шкендија (77-71), додека Арсими е прв над линијата за бараж со 40 бодови, три повеќе од Брера, која, пак, е прва по оваа линија. Сите натпревари од денешната програма во 32. коло започнуваат во 16 часот.