„Враќањето на Червар е добро за ракометот, ќе пробам да бидам подобар од учителот!“

Враќањето на Лино Червар во македонскиот ракомет предизвика големо внимание, откако искусниот хрватски стратег ја прифати понудата да го преземе Пелистер од следната сезона.

Хрватот, кој остави длабока трага во македонскиот ракомет во минатото, ги прекинува пензионерските денови за нов предизвик во Битола, а неговото враќање позитивно го оцени и македонскиот селектор и предводник на Алкалоид, Кирил Лазаров. Тој никогаш не криел дека токму Червар е еден од неговите најголеми ракометни учители, па со многу респект говореше за новиот ангажман на Хрватот.

„Доаѓањето на Червар е добро за македонскиот ракомет. Одличен избор. Таму ќе се работи квалитетно. Червар е мој учител, сè уште сме во комуникација, му честитав. Ако сега има квалитет, мислам дека со неговото доаѓање дополнително ќе го подигнеме нивото во спортот, а со тоа и во ракометот. Како што тој е одличен, така ние покрај него ќе мораме да бидеме уште подобри. Мене ќе ми биде потешко против него. Тој е поискусен, подобар, освојувал многу. Ние учевме од него и сега ќе треба да се бориме спортски и се надеваме дека еден ден ученикот ќе биде подобар од учителот“, изјави Лазаров за телевизија Телма.

Червар во минатото работеше во Металург со кого имаше повеќе одлични сезони во Лигата на шампионите, а извесен период беше и селектор на Македонија.