Митревски: Словачка ќе биде тежок ривал, но очекуваме позитивен резултат!

Македонската машка репрезентација утре ќе се соочи против Словачка во првиот бараж натпревар за пласман на Светското првенство (СП) во 2027 година.

Голманот на македонската репрезентација, Никола Митревски кажа дека очекува тежок и незгоден натпревар, но и се надева на позитивен резултат.

„Никогаш не сме играле против Словачка и овој натпревар ќе биде тежок и незгоден затоа што играме на гостински терен. Мислам дека се подготвивме доволно добро, тоа што можевме да го видиме на претходните натпревари. Очекувам добар настап од наша страна. Големите натпреварувања кои ги имаме позади нас ни даваат право да очекуваме добар и позитивен резултат. Ништо нема да биде решено тука, на првиот меч. Тоа ќе биде само едно полувреме од овој двомеч. Ќе се обидеме да го дадеме максимумот и да извлечеме поволен резултат“, кажа Митревски.

Натпреварот меѓу Словачка и Македонија се игра на 14 мај од 19 часот.