Серија од 26-3 за 14-то финале по ред на МЗТ Скопје (ФОТО)
Тимот од Аеродром славеше во „мајсторката“ со Пелистер со 87-58 и по 20. пат во историјата, а 14-ти пат по ред ќе игра во серијата за шампионската титула. Гостите одиграа добро прво, но очајно второ полувреме и тука го загубија натпреварот на кој требаше да бидат најдобри оваа сезона.

По 20 минути игра, резултатот беше 37-37 со тоа што Пелистер почесто беше во предност, а двете екипи имаа максимални +6. Натпреварот беше решен во третата четвртина која МЗТ Скопје ја отвори со 11-0, подоцна 26-3, а во тие десет минути Пелистер постигна само пет поени од кои три од слободни фрлања. Шампионот ја стегна одбраната, го принуди противникот да изгуби неколку топки и на крајот од третиот период веќе беше 66-42, па последниот квартал остана само како формалност за двете екипи.

Марин Петков одигра извонреден натпревар, постигннувајќи 23 поени со седум асистенции, Танасковиќ имаше сличен ефект, 20 поени и седум скока, а дабл дабл оствари Мекејден, со 14 поени и 12 скока. Кај Пелистер, само Дејвис и Вилсон беа двоцифрени, со 12, односно десет поени.

МЗТ Скопје ќе ја има предноста на домашниот терен во финалето против Маџари. Пелистер против ТФТ ќе игра серија за третото место, до две победи.

