Гавриловиќ: Со заедничка работа, труд и дисциплина можеме да ја израдуваме Македонија!

Селекторот на женската сениорска репрезентација на Македонија, Милош Гавриловиќ го одржа првиот собир со одбојкарките во хотелот „Континентал“ во Скопје во пресрет на подготовките за Европската лига 2026.

На собирот имаше и девет дебитантки кои му се ставија на располагање на новиот селектор и стручниот штаб.

„Ова е за мене нов почеток, со перспективни девојки и мислам дека со заедничка работа, труд и дисциплина, и најважно комуникација може да направиме нешто што долги години го нема во женската одбојка во Македонија. Им благодарам на сите што позитивно одговорија на повикот, им посакувам среќа и се што ќе барам од нив е да дадат се од себе. Искрено би сакал да ги имаме мажите како пример, кои во изминативе неколку години имаат одлични резултати и тие треба да ни претставуваат мотивација, а зошто и да не го надминеме нивниот успех. Нема да биде воопшто лесно, но со работа и дисциплина се надевам дека за одреден период ќе успееме да го направиме тоа. Ги следев девојките и нивните клупски настапи од декември наваму и на прв поглед делуваат сите одлично расположени и како едвај да чекаат да почнат со работа. Денеска ќе имаме еден полесен тренинг за да се запознаеме малку подобро, нема да бидеме комплетни - одбојкарките на Работнички Скопје и Наковски Волеј ќе добијат уште малку простор за одмор, а потоа започнуваме со нормално темпо на работа“, кажа Гавриловиќ.

Македонија ја чека сериозен предизвик затоа што натпреварувањето има нова „тежина“ како дел од циклусот за Европското првенство (ЕП) во 2028 година, па и ривалите ќе бидат посилни.

„Во ова издание од Европската лига имаме тешки противници, но се познавам себе си и сум амбициозен. Во некои случаи сум и нереален, но верувам во својата работа и работата на мојот стручен штаб. Ќе ни биде потребно време да видиме до каде сме и како сме, по тешката и долга сезона. Репрезентативки од две екипи до пред два дена играа финале на плејоф, колку девојките ќе бидат подготвени на се, не можам да кажам додека не влеземе во сала, но со големи амбиции, може и нереални, влегуваме во Европската лига. Добро е да знаеме до каде сме и да растеме, но не се сомневам дека ќе имаме изненадувања“, констатира Гавриловиќ и продолжува: „Се надевам дека брзо ќе влезат сите во мојот систем на работа и мојата визија за играта. Имаме малку помалку време за адаптација, ќе има силни противници и силни натпревари. Многу работи ќе зависат и од тоа со каков состав ќе дојдат противниците, но повеќе би сакал да мислам на мојата екипа и со каков тим ние ќе настапиме, а девојките кои ќе бидат одбрани за настапот во Европската лига да бидат максимално подготвени“, вели тој.

Во стручниот штаб на Гавриловиќ се приклучени Бранка Каленикова (тренер на Газели Волеј) како асистент тренер, Романецот Рареш Стелиан Стоика како кондиционен тренер, Анета Банкова ќе биде нов статистичар, додека лекарскиот тим останува непроменет – доктор на репрезентацијата е Љупчо Петровски, а физио Стефан Јовановски.

Фото: Одбојкарска репрезентација на Македонија