УЕФА го казни Фенербахче со 10 милиони евра поради - измама!

Европската куќа на фудбалот (УЕФА) му изрече голема казна на Фенербахче, турскиот клуб ќе плати 10 милиони евра поради низа манипулации и неправилности во финансиското работење.

Иако казната е многу голема, таа не е една од најголемите кои ги изрекла УЕФА. Претходно казнети беа Челси со 80 милиони евра, ПСЖ со 65 милиони, Барса и Манчестер Сити со 60 милиони...

Одделот за финансиски фер-плеј (FFP) на УЕФА, кој го надгледува балансот помеѓу приходите и расходите на клубовите преку контрола на платите на играчите, трансферите и надоместоците на агентите, внимателно го следел работењето на турскиот клуб. Сомнителни работи биле забележани во договорите на Жозе Мурињо, Керем Актуркоглу, Милан Шкрињар и Диего Карлос, а договорите на Мурињо и Актуркоглу биле под посебен надзор.

Најголем проблем е платата на Актуркоглу. Неговата плата во Бенфика изнесуваше 2,8 милиони евра по сезона. А во Фенербахче информациите велеа дека заработува годишна плата од 5,2 милиони евра. Но, проблемот е тоа што така не е прикажано во документацијата.

За да обезбеди голем договор со Актуркоглу, Фенербахче направи измама. Во средината на сезоната се покажа дека договорот испратен до Турската фудбалска федерација бил чиста манипулација. Во него се наведувало дека турскиот интернационалец ќе игра за 1.907 турски лири месечно (симболично, годината кога е основан клубот), што е еквивалентно на 35 евра и е законскиот минимум во турскиот фудбал.

Независните медиуми во Турција беа првите што почнаа да известуваат за ова прашање, по што УЕФА реагираше со дополнителни проверки, барајќи дополнителна документација за официјалната евиденција за платите на Керем. Фенербахче презентираше одбрана за време на постапката, но УЕФА заклучи дека клубот го надминал ограничувањето за трошење и ги прекршил правилата за финансиски фер-плеј.

Фенербахче се обиде да се одбрани зборувајќи за спонзори. Турскиот бизнисмен Хакан Сафи изјави дека тој го спонзорира доаѓањето на играчот.

„Ќе ги покријам трошоците за маркетиншките права за имиџот и работата на Керем Актуркоглу, како и провизијата за управување, а за ова ќе платам вкупно 35 милиони евра во текот на следните четири години. Нека биде мој подарок за Фенербахче“, изјави тој.

53-годишниот Сафи е бизнисмен чиј подем е метеорски, и со години се соочува со политички и корпоративни контроверзии поради неговите инфраструктурни зделки и понуди за државни проекти.

Критичарите често го критикуваат за неговите блиски врски со владејачкиот естаблишмент, а членовите на турскиот парламент јавно го обвинуваат дека користи политичка поддршка за да го заобиколи законот. Во овој случај, се чини дека ги заобиколил фудбалските закони на УЕФА.

Се покажа дека клубот ја пријавил платата на Актуркоглу на 420 евра годишно, а вистинскиот износ го пропуштил преку документацијата како „маркетиншки права на имиџот и работата“ платени од Сафи и подлежат на пониски даноци. Според правилата, нето платата на Актуркоглу од 5,2 милиони евра требало да го чини Фенербахче 7 милиони евра годишно по оданочување, но таков договор не постои во официјалните документи.