Шампионот немилосрден: Лејкерси немоќни без Дончиќ – прегазени на свој терен (ВИДЕО)

Екипата на Оклахома сити тандерс е на чекор до пласман во финалето на Западната конференција од плејофот во НБА, откако ноќеска славеше убедливо кај ЛА Лејкерс (131-108) и поведе со 3-0 во серијата.

По лесната елиминација на Феникс санс во првата рунда, актуелниот шампион сега е блиску до уште една „метла“ во доигрувањето. Историјата дополнително не оди во прилог на „езерџиите“, бидејќи ниту еден НБА тим досега не успеал да се врати по негатива од 0-3. Оклахома до победата стигна и без Џален Вилијамс, а и покрај послабиот шутерски настап на Шеј Гилџис-Александер во првото полувреме. Тренерот на Лејкерс, Џеј-Џеј Редик, се обиде со необични ротации да внесе неизвесност, па шанса добија и новајлијата Аду Тиеро и искусниот Макси Клебер, да пробаат да го надополнат отсуството на повредениот Лука Дончиќ.

Домашните во првиот дел играа брзо и агресивно, предводени од Руи Хачимура, додека кај Оклахома блескаше Ејџеј Мичел, кој беше без промашување за три поени пред паузата. На полувремето Лејкерс имаа минимална предност, најмногу поради слабата реализација на Шеј. Но, во второто полувреме квалитетот на „громовите“ целосно дојде до израз. Гилџис-Александер почна да ги разигрува соиграчите, додека поентерски се истакнаа Чет Холмгрен, Кејсон Валас и Ајзеја Џо. Предноста брзо стана двоцифрена, а Лејкерс делуваа без решение. Дополнителен проблем за домашниот тим беше лошата партија на Деандре Ајтон, кој целосно потфрли во дуелите со Ајзеја Хартенштејн и Холмгрен.

Најефикасен кај победниците беше Еј-Џеј Мичел со 24 поени и 10 асистенции, Шеј додаде 23 поени и девет асистенции, а Холмгрен постигна 18 поени. Кај Лејкерс се издвоија Хачимура со 21 и Леброн Џејмс со 19 поени. Четвртиот натпревар повторно ќе се игра во Лос Анџелес, каде Оклахома ќе има шанса да ја завери елиминацијата на Лејкерс и пласманот во конференциското финале.

ФОТО: X / @okcthunder